Контакт

Скопје домаќин на меѓународна експертска дебата: антиродовите наративи како закана за демократијата

Галерија

Настанот обедини носители на политики, експерти и претставници од регионот и Европската Унија, со цел да се отвори суштинска дискусија за тоа како антиродовите наративи сè почесто се користат како дел од пошироки популистички стратегии, со директни последици врз демократијата, владеењето на правото и процесот на европска интеграција.

Антиродовите наративи како европски тренд

Во фокусот на дискусијата беше новата политичка студија, која покажува дека антиродовите движења не се изолирани појави, туку структуриран и транснационален феномен присутен низ Европа, вклучително и во земјите членки на ЕУ.

Студијата ја позиционира Северна Македонија како релевантен пример, каде во последните години се забележува значително влијание на овие движења врз јавниот дискурс и политиките, особено во областите на родовата еднаквост, заштитата од дискриминација и превенцијата од насилство.

Од прашање на права до прашање на демократија

Една од клучните пораки на настанот беше дека родовата еднаквост повеќе не може да се третира исклучиво како прашање на човекови права, туку како прашање на демократска стабилност и безбедност.

Антиродовите наративи сè почесто ја прикажуваат Европската Унија како „надворешна закана“, што дополнително ја поткопува довербата во европските вредности и институции, со потенцијални последици врз процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

„Она што го гледаме не е културна дебата, туку координирана политичка стратегија. Антиродовите наративи функционираат како алатка за мобилизација, но и за слабеење на демократските институции. Одбраната на родовата еднаквост денес значи одбрана на демократијата утре.“

Потреба од координиран и стратешки одговор

Дискусијата ја нагласи потребата од посилна координација меѓу прогресивните актери, појасно поврзување со европските политики и процеси, како и континуирана поддршка за граѓанското општество.

Истовремено, беше истакната потребата од премин од анализа кон конкретни чекори и политики, со цел зачувување и унапредување на демократските придобивки.

Прогрес – Институт за социјална демократија ќе продолжи активно да придонесува во оваа дебата, преку истражување, едукација и застапување на политики кои ја зајакнуваат демократијата, еднаквоста и европската перспектива на Северна Македонија.