- Европа веќе ја започна енергетската револуција – дали ние сè уште се двоумиме?
Дваесет и првиот век ќе остане запаметен како период во кој Светот ја води најголемата енергетска трансформација од почетокот на индустриската револуција. Денес, повеќе не станува збор само за климатските промени, туку за економска конкурентност, национална безбедност, технолошки развој и способност на државите да обезбедат стабилна, достапна и одржлива енергија за своите граѓани и стопанството.
Европската Унија трансформацијата ја претвори во своја долгорочна развојна стратегија. Со Европскиот зелен договор и законскиот пакет „Fit for 55“, Унијата постави јасна цел: намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година и постигнување климатска неутралност до 2050 година. Тоа не е политичка декларација, туку законска и економска рамка што веќе ги обликува инвестициите, индустријата и енергетските политики низ Европа.
Во оваа нова европска реалност, јагленот постепено ја губи својата доминантна улога. Причините не се само еколошки. Производството на електрична енергија од јаглен станува сè поскапо поради цената на емисиите на јаглерод диоксид во рамките на европскиот систем за тргување со емисии, како и поради растечката конкурентност на обновливите извори на енергија. Денес, во голем број европски држави, изградбата на нови сончеви и ветерни електрани е економски поисплатлива отколку инвестирањето во нови капацитети базирани на фосилни горива. Тоа е една од причините поради која Европа забрзано го менува својот енергетски модел.
Најдобриот пример за Република Северна Македонија се наоѓа веднаш преку јужната граница. Грција, држава која со децении беше силно зависна од лигнитот, денес претставува пример за енергетска транзиција во Југоисточна Европа. Пред само дваесетина години, околу 60% од електричната енергија во Грција се произведуваше од лигнит. Денес, тој удел е драстично намален, а националното законодавство предвидува целосно напуштање на производството на електрична енергија од лигнит најдоцна до 2028 година, при што економските услови можат дополнително да го забрзаат процесот.
Трансформацијата не се сведува само на затворање на рудници и термоелектрани. Таа подразбира изградба на нов енергетски систем. Грција инвестира во големи соларни паркови, ветерни електрани, батериски системи за складирање на електрична енергија, модернизација на преносната мрежа и интерконекции со соседните држави. Истовремено, преку механизмите за праведна транзиција на Европската Унија се обезбедуваат средства за развој на регионите што со децении зависеле од експлоатацијата на јаглен, како западна Македонија. Целта е јасна – економската трансформација да не значи губење на развојот, туку создавање нови инвестиции, нови работни места и нови можности.
Особено значајно е што денешната европска политика повеќе не ја третира декарбонизацијата како трошок, туку како инвестиција. Државите што први ќе изградат современи енергетски системи ќе располагаат со пониски производствени трошоци, поголема енергетска независност и подобра конкурентност на својата индустрија. Оние што ќе ја одложуваат транзицијата ќе плаќаат повисоки цени за енергија, ќе зависат од увоз и ќе се соочуваат со сè поголеми економски ограничувања. Тука се поставува суштинското прашање: Каде се наоѓа Република Северна Македонија?
Нашата држава е кандидат за членство во Европската Унија и како членка на Енергетската заедница постепено ги усогласува своите политики со европското законодавство. Националните стратешки документи предвидуваат значително зголемување на уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија до 2030 година. Но, официјалните анализи покажуваат дека сегашното темпо не е доволно за да се постигнат поставените цели. Оттука произлегува и суштинската дилема: дали Република Северна Македонија ќе ја следи европската енергетска трансформација со сопствена стратегија и сопствени инвестиции или ќе продолжи да реагира со задоцнување, плаќајќи ја цената на недоволното планирање? Одговорот на ова прашање не е само технички. Тој е политички, економски и државнички. А токму од тој одговор ќе зависи каква енергетска, економска и развојна иднина ќе оставиме на следните генерации.
- Република Северна Македонија – време е за сопствена енергетска визија!
Енергетиката отсекогаш била еден од најважните столбови на националната безбедност и економскиот развој. Ниту една држава не може да биде економски стабилна доколку не располага со сигурно, предвидливо и конкурентно снабдување со електрична енергија! Токму затоа, прашањето за декарбонизацијата во Република Северна Македонија не треба да се сведе на дебата за затворање на јагленот, туку на создавање нов енергетски модел кој ќе обезбеди сигурност, конкурентност и долгорочна одржливост.
Во моментов, македонскиот електроенергетски систем сè уште во голема мера зависи од термоелектраните на лигнит. РЕК Битола останува најголемиот производител на електрична енергија во државата, додека хидроелектраните претставуваат вториот најзначаен домашен извор. Според официјалните информации, Владата веќе предвидува постепена трансформација од јаглен кон обновливи извори, а усвоениот Национален план за енергија и клима содржи мерки за декарбонизација, енергетска ефикасност и зголемување на уделот на обновливите извори на енергија.
Истовремено, официјалните стратешки документи предупредуваат дека сегашното темпо на развој не е доволно за исполнување на целите до 2030 година. Европската агенција за животна средина оценува дека ќе биде потребно значително забрзување на инвестициите во нови производни капацитети, модернизација на мрежата и поголемо користење на сончевата, ветерната и хидроенергијата.
Токму тука се отвора најважното прашање: Дали Република Северна Македонија има природен потенцијал за декарбонизација? Одговорот е – ДА!
Прашањето не е дали државата располага со природни ресурси, туку дали ќе ги искористи на стратешки, економски оправдан и еколошки одговорен начин.
Вардарската Долина – неискористена можност
Реката Вардар претставува најзначајниот воден ресурс во државата! Со децении, домашните и странските експерти изработуваат анализи за можностите за развој на хидроенергетскиот потенцијал на Вардарската Долина. Различни концепти предвидуваат изградба на каскаден систем од акумулации и хидроелектрани, кој покрај производство на електрична енергија би можел да придонесе и за подобро управување со водите, намалување на ризикот од поплави, подобрување на условите за наводнување и развој на локалната инфраструктура. Сепак, денес е неопходно секој ваков проект повторно да се преиспита низ призмата на современите економски анализи, еколошките стандарди и климатските промени. Наместо идеолошки пристап „за“ или „против“, на државата ѝ е потребна стручна и транспарентна проценка на трошоците, придобивките и влијанијата врз природата и локалните заедници. Ако анализите покажат дека одредени проекти се економски исплатливи и еколошки одржливи, реализацијата на ХЕЦ (ПАХЕ) би можеле да станат значаен дел од идниот енергетски потенцијал на државата.
III. РЕК Битола – од симбол на индустрискиот развој до симбол на енергетската трансформација
РЕК Битола повеќе од четири децении претставува срцето на енергетиката во Република Северна Македонија. Илјадници семејства егзистираат благодарение на овој комбинат, а значителен дел од домашното производство на електрична енергија и денес зависи од неговата работа.
Но, исто така е неспорно дека постројките се технолошки застарени, а домашните резерви на лигнит се ограничени. Дополнително, европските политики за намалување на емисиите во блиска иднина ќе влијаат на производството на електрична енергија од јаглен, и ќе биде помалку конкурентно во годините што следат.
Затоа, прашањето не треба да биде дали РЕК Битола ќе се трансформира, туку како ќе се трансформира.
Една од опциите што заслужува сериозна стручна анализа е изградба на современа гасна когенеративна централа во рамките на постојниот енергетски комбинат. Таквите постројки овозможуваат истовремено производство на електрична и топлинска енергија со значително повисока ефикасност од класичните термоелектрани. Во повеќе европски држави природниот гас се користи како транзициско гориво при постепеното напуштање на јагленот, со цел да се обезбеди стабилност на електроенергетскиот систем додека расте уделот на обновливите извори. Секако, и ова решение треба да се оценува низ економска, техничка и климатска перспектива, имајќи во вид дека природниот гас не е обновлив извор и не може да биде крајната цел на енергетската трансформација. Но, како преодно решение, природниот гас може да има улога во одредени сценарија, доколку анализите покажат дека е оправдан.
Она што не смее да се дозволи е трансформација да се одвива без план! Затворањето на рудниците за јаглен без навремена изградба на нови производни капацитети би значело уште поголема зависност од увоз на електрична енергија и поголема изложеност на ценовните шокови на регионалниот пазар.
Поради тоа, декарбонизацијата не смее да биде политика на затворање! Таа мора да биде политика на градење – на нови капацитети, нови технологии и нови можности за развој.
- Енергетската иднина на Република Северна Македонија – избор помеѓу зависност и развој
Историјата на енергетиката покажува една важна вистина: Државите што навреме ги препознаваат промените стануваат економски посилни, додека оние што ги одложуваат неопходните реформи најчесто плаќаат повисока цена.
Денес Европа не ја напушта енергијата од јаглен затоа што нема потреба од електрична енергија, туку затоа што создава нов модел кој треба да биде поефикасен, почист и поконкурентен. Германија, и покрај својата долгогодишна индустриска зависност од јаглен, донесе одлука за постепено напуштање на јагленот и паралелно вложува огромни средства во обновливи извори, електрична инфраструктура и технологии за складирање на веќе произведената енергија. Данска, изгради еден од најуспешните модели за интеграција на ветерната енергија во националниот систем. Грција, која до неодамна беше симбол на зависност од лигнитот, денес претставува пример за трансформација на енергетскиот сектор во Југоисточна Европа.
Заедничката карактеристика на овие држави не е само природниот потенцијал. Сонце, ветер или вода имаат и други земји. Клучот е во политичката одлука, долгорочното планирање и способноста енергетската политика да се постави над краткорочните интереси.
Токму тука се наоѓа најголемиот предизвик за Република Северна Македонија.
Нашата држава не започнува од нула. Имаме хидроенергетски капацитети, имаме значаен број сончеви денови во текот на годината, имаме докажан ветерен потенцијал, имаме стручни кадри и имаме енергетски комплекси кои можат да бидат основа за нова развојна политика.
Но, имаме и сериозен проблем: Недостиг на долгорочна и доследна стратегија што ќе ги поврзе сите овие ресурси во функционален систем.
Енергетската трансформација не смее да се води со парцијални одлуки. Не е доволно само да се изградат фотоволтаични електрани без решение за складирање на веќе произведената електрична енергија. Не е доволно само да се најават нови инвестиции без модернизација на мрежата. Не е доволно да се зборува за напуштање на јагленот без јасен план за регионите и луѓето чија егзистенција зависи од постојниот енергетски систем.
Затоа, на Република Северна Македонија ѝ е потребен Национален договор за енергетска трансформација. Тоа значи заедничка маса на која ќе седнат Владата, опозицијата, енергетските компании, академската заедница, инженери од областа на животната средина и обновливите извори на енергија, стопанството и граѓанскиот сектор. Енергетиката не смее да биде поле на дневни политички пресметки, бидејќи последиците од погрешните одлуки не траат еден мандат – тие траат децении!
Одлуките што ќе се донесат денес ќе определат дали идните генерации ќе живеат во држава која произведува сопствена енергија, привлекува инвестиции и создава нови работни места или во држава која зависи од увоз и од нестабилностите на регионалните пазари.
Особено важно е да се разбере дека декарбонизацијата не значи уништување на постојниот енергетски систем. Таа значи негова трансформација!
РЕК Битола не треба да биде симбол на минатото, туку пример како еден индустриски комплекс може да се приспособи на новото време!
Вардарската Долина не треба да биде само тема од старите енергетски планови, туку предмет на сериозна анализа за тоа дали може да придонесе кон идната енергетска стабилност!
Сонцето и ветерот не треба да се гледаат само како инвестициони можности за поединци, туку како национални ресурси кои треба стратешки да се користат!
Батериските системи и современите технологии за складирање на произведената електрича енергија не треба да се сметаат за луксуз, туку за неопходна инфраструктура на идниот електроенергетски систем!
Најголемата заблуда е дека декарбонизацијата е само прашање на животната средина. Таа е многу повеќе од тоа! Таа е прашање на економска конкурентност, енергетска независност и национална безбедност!
Во иднина, енергијата ќе биде еден од главните фактори што ќе определуваат кои држави ќе напредуваат, а кои ќе заостануваат. Евтината, сигурна и чиста енергија ќе биде основа за развој на индустријата, земјоделството, дигиталната економија и целокупното општество.
Република Северна Македонија има можност да ја искористи оваа историска промена. Но, за тоа е потребно повеќе од декларации. Потребни се: визија, храброст и одговорност!
Декарбонизацијата не е прашање на избор меѓу економијата и екологијата.
Тоа е избор меѓу старата економија на зависност и новата економија на развој.
Решенијата постојат. Технологиите постојат. Потенцијалот постои.
Она што останува е најважното прашање: Дали ќе имаме политичка волја навреме да ја изградиме енергетската иднина што Република Северна Македонија ја заслужува?!
Контакт