За многумина, 1 Мај денес е само неработен ден, продолжен викенд или повод за дружење. Но неговото вистинско значење е многу подлабоко. Тоа е ден кој нè потсетува дека работничките права не се подарок, туку резултат на борба, солидарност и организирано дејствување.

Зад овој датум стои историска борба на генерации луѓе кои верувале дека секое општество треба да почива на достоинството на трудот, социјалната правда и солидарноста. Правата што денес често ги земаме здраво за готово, регулирано работно време, редовна плата, платен годишен одмор, здравствена и пензиска заштита не настанале сами од себе. За нив некој имал храброст да се организира, да зборува гласно и да се избори. Работникот не е трошок за државата. Работникот е темел на секое општество и инвестиција во неговата иднина. Токму затоа, да се гледа на работникот со почит како човек со достоинство, права и вредност е суштински социјалдемократски принцип. Тоа е и еден од клучевите за развиена, праведна и силна држава.

Затоа 1 Мај не смее да биде само ден од календарот. Тој треба да остане ден на глас, солидарност и потсетување дека борбата за достоинствен труд сè уште трае за нас, но и за идните генерации кои сакаат да останат и да ја градат својата иднина тука. Денес младите сè уште се соочуваат со сериозни предизвици кои ги тераат да размислуваат за подобро утре надвор од својата земја. Ниски плати, договори на определено време, неплатена или недоволно платена пракса, несигурни ангажмани и работни позиции без јасен пат за напредување, сето тоа создава чувство на привременост, наместо чувство на иднина. Кога млад човек не знае дали ќе има стабилен приход следниот месец, тешко може да планира станбено решение, семејство, професионален развој или останување во својата земја. Затоа прашањето за работничките права не е само економско прашање. Тоа е прашање за демографија, еднаквост, социјална сигурност и иднината на државата.

Токму затоа важно е да си го поставиме прашањето: што значи достоинствена работа за еден млад човек?

Достоинствената работа не значи само редовна плата. Таа значи сигурност, фер услови, заштита од злоупотреба, можност за напредување и почит кон трудот, знаењето и времето на секој млад човек. Достоинствената работа значи перспектива да можеме да планираме, да се развиваме и да напредуваме, а не само да преживуваме од месец за месец.

Токму затоа сè посилно одѕвонува терминот „прекаријат“, генерација луѓе кои работат, но живеат во постојана несигурност. Тоа не смее да се прифати како нормалност. Несигурноста не е судбина на младите. Таа е резултат на политики, практики и системски слабости кои мора да се менуваат. Затоа борбата за концептот „плата за живот“ е борба за секој млад човек. Таа не е само економска мерка, туку вредносен став: дека трудот мора да овозможи достоинствен живот, а не само преживување. Плата за живот значи надоместок што ги зема предвид реалните трошоци за храна, домување, превоз, сметки, образование, здравствена грижа, култура, слободно време и можност за заштеда. Тоа е концепт кој тргнува од едноставна, но суштинска идеја: човек кој работи треба да може достоинствено да живее од својот труд.

Затоа мора да бидеме јасни и гласни: не само минимална плата, туку достоинствена плата за живот.

Но за ова да стане реалност, потребни се конкретни политики. Ако навистина сакаме младите да останат, мора да создадеме услови во кои трудот ќе се вреднува, а несигурноста нема да биде почетна точка на секоја млада кариера. Потребни се платена и регулирана пракса, поголема заштита од злоупотреба на несигурни договори, јасни можности за кариерен развој, поддршка за прво вработување и политики за достапно домување. Одговорноста е заедничка. Политичките партии, институциите, синдикатите, граѓанските организации и работодавачите мора да покажат дека младите не се само иднината на државата, туку и нејзината сегашност. Борбата за подобро утре, за стабилна работа и достоинствен живот нема да се води во некое далечно идно време. Таа борба се води сега – преку политики, преку институции, преку солидарност и преку јасен став дека трудот мора да биде почитуван.

Затоа 1 Мај не смее да биде само празник. Тој треба да биде потсетник дека достоинствениот труд е основа за достоинствен живот. Ако сакаме младите да останат, да работат и да ја градат својата иднина тука, мора да создадеме општество во кое работникот е заштитен, трудот е вреднуван, а платата овозможува живот а не преживување.

Борбата за работнички права денес е борба за иднината на младите. И таа борба е наша заедничка одговорност. Честит 1 Мај!