Унапредувањето на процесите за зголемено и активно учество на граѓаните во носењето на одлуки на локално ниво е заложба на државата, на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор, на медиумите. Значи на сите, барем генерално и декларативно. Растот и континуитетот на мерењата на индексот на транспарентност, на отвореност на локалните самоуправи, како и начинот на управување со јавните финансии во општините, изминатиот период, во голема мера бележи напредок, првобитно благодарение на активностите на невладиниот сектор.

Години наназад, сведоци сме на неколку релевантни мерења и извештаи на индексите на транспарентност кај единиците на локалната самоуправа на годишно ниво. Овие мерења, кои во најголема мера ги опфаќаат опшините, многу помалку ги опфаќаат министерствата, а да не зборуваме, за малиот милион државни агенции и институции, кои многу ретко или никогаш не се дел од сериозна јавна анализа и опсерваторија за нивното работење. А располагаат со поприлично значаен дел од јавните средства. Последната деценија овие процеси, во значителна мера ја преобликуваа и локалната администрација, но и начинот на кој се носат одлуките на локално ниво.

Локалната власт директно комуницира и испорачува услови и услуги на граѓаните. На најнепосреден начин. Со згаснувањето, односно со укинувањето на најголемиот дел од ингеренциите односно можностите на месните заедници, единиците на локална самоуправа, и правно-формално и буквално станаа “прва” односно “брза” помош за граѓаните. Но, дали фискалната и финансиската децентрализација во државата е доволна и сразмерна со потребите на граѓаните и со она што се бара од единиците на локалните самоуправи? Ова е суштинското прашање! И, најчесто токму ова е прашањето кое што е игнорирано (помалку или повеќе) од секоја централна власт во државата досега, без исклучок!

Општините немаат потреба од милостина за грант, општините имаат потреба од финансии за самите да можат да реализираат капитални проекти.

Ако државата ги има пренесено надлежностите во образованието и детската заштита (на пример), тогаш Владата (која одлучува колку) треба да праша, што општината може да направи со финансиите коишто ги добива?! Но, Владата нема да праша. Бидејќи Владата знае! Знае дека блок дотациите многу често не се доволни ни за да се исплатат годишните плати на вработените, а не пак, квалитативно да се подобруваат условите и услугите кои овие училишта или установи ги нудат.

Ние во 2026 година воопшто не треба да разговараме за здрава, чиста и безбедна вода за пиење или за уредени паркови и зеленило, но ние, и тоа како треба да разговараме дали нашите јавни комунални и водоводни претпријатија можат да ги обезбедат сите услуги кои мораат да ги обезбедат, по закон. И тоа, тие услуги еднакво треба да ги добијат сите, и граѓаните кои живеат во центарот на Скопје или Прилеп, но и граѓаните кои живеат во Подареш или Владимирово.

Но, не само што граѓаните нема да ги добијат овие услуги, а ќе платат за истите (сиромавиот плус два пати плаќа), ние во 2026 година ноншалантно ќе констатираме дека: само 32% од територијата на Македонија има канализациони системи. А колку чинат тие канализациони системи?! Дали голем дел од општините можат самите да финансираат и да инвестираат во вакви капитални зафати и инвестиции? Дали нивните локални буџети се доволни или се ограничени?

Да, треба да се бара од општините. Тоа мора да биде така. Рековме веќе дека локалните самоуправи најдиректно комуницираат и одговараат на барањата на граѓаните. Затоа, и треба да бидат под лупа, секогаш! Но, дали процесот на децентрализација во државата одговара на барањата и потребите на граѓаните, посебно во оваа модерна, технолошка и дигитална ера? Дали иселувањето на ридско-планинските населени места, дали празнењето на цели села, а веќе и градови е резултат на немањето регионална стратегија, недостаток на дијалог и на ужасниот процес на децентрализација, досега?!

Дали од 2009 година до 2026 година е доволно процентот на поврат на средствата до општините по основ на данок на додадена вредност да се зголеми само за 3%? Дали пренесувањето на надлежностите на општините без обезбедување на финансиска рамка за квалитетни услуги е во ред?

Никако!

Надлежностите се децентрализирани многу повеќе од парите.

OECD директно констатира дека ограничената фискална автономија го намалува капацитетот на општините во Македонија да обезбедат квалитетни услуги. Плус, децентализацијата на надлежностите без соодветна децентрализација на финансиите создава зависна, а не самостојна локална власт. Зависна од централната власт, односно од Владата и најтажно, на крај зависна и од партијата!

Две третини од локалните приходи на општиинте во Македонија сеуште доаѓаат од централната власт. Општините обезбедуваат само една третина приходи од сопствени извори, што е втор најслаб резултат во Западен Балкан. Дополнително, доминантите трансфери на средства од страна на централната власт до општините, не се средства со кои општините можат слободно да располагаат, туку тоа се наменски средства со строго определена намена.

Според најновите истражувања на Светска Банка расходите на локалната власт во Македонија се околу 5 % од БДП. Тоа значително е под просекот на ЕУ, кој е над 17%. Додека пак, капиталните расходи со сретства од сопствени извори на општините се само 1%. Фијаско!

Да завршам. Растот на процентот на поврат од ДДВ до општините овие години постои, но е многу бавен и воопшто не одговара на потребите на граѓаните, на локалните самоуправи и на државата. Односно, не одговара на реалноста и на пренесените надлежности. Практично, како и да не постои. Во Извештајот за Македонија за 2025 година, Европската комисија експлицитно повикува државата да го унапреди процесот на децентрализација преку стабилна финансиска рамка за општините и да го зајакне дијалогот за регионален развој.

Унапредувањето на процесот на децентралицазија не е само барање на општините, тоа е огромна и реална потреба на граѓаните.

Тоа е врвен чин на патриотизам, љубов кон тактовината и на крајот, тоа е заштита на македонските градови и села. Заштита на Mакедонштината!

Затоа, децентализација, (в)еднаш!