Контакт

Регионална конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина.“

Галерија

Настанот ја отвори важната дискусија за тоа како локалните политики можат директно да го подобрат секојдневниот живот на граѓаните. Нов парк, осветлена улица, подобри услови во училиштата, редовно собирање отпад, почист воздух и уредени јавни простори – тоа се конкретни резултати преку кои граѓаните најдиректно ја чувствуваат политиката.

За социјалдемократите, локалната власт значи развој што е видлив, достапни јавни услуги и институции кои работат во интерес на луѓето. Тоа значи инвестиција во младите, за да имаат причина да останат и можност да успеат; инвестиција во животната средина, затоа што чистиот воздух и зелените простори се основно право; и инвестиција во транспарентно управување, преку кое граѓаните знаат како се носат одлуките и како се трошат јавните средства.

Конференцијата беше отворена со обраќања на Марко Михаилоски, извршен директор на Прогрес Институтот, Александар Спасов, претседател на Советодавниот одбор на CEE Gender Network, и Венко Филипче, претседател на СДСМ. Во воведниот дел беа претставени целите на конференцијата и главните тематски насоки: прогресивна локална власт, регионална соработка, европска солидарност и заедничка визија за одржливи заедници.

Свое обраќање имаше и Венко Филипче, претседател на СДСМ, кој говореше за визијата за локалните избори, регионалната и европската солидарност, како и за потребата од посилна прогресивна општинска соработка.

Во рамки на регионалната тркалезна маса „Progressive Paths Across the Balkans“, учесници од регионот разменија искуства, предизвици и добри практики за градење поправедни, поодржливи и поотворени локални заедници. На дискусијата учествуваа претставници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Шведска, меѓу кои Драган Ѓилас, Лана Прлиќ, Мирко Станиќ, Ранко Остојиќ, Срѓан Миливојевиќ, Зоја Бојаниќ-Лаловиќ, како и шведските пратенички Матилда Ернкранс и Јите Гутеланд.

Во завршниот дел, насловен „Momentum for Change: Our Commitment to the People“, фокусот беше ставен на политичката одговорност на прогресивните сили да понудат јасни решенија, да ја вратат довербата во политиката и да покажат дека промените се можни преку конкретни резултати на локално ниво. Во овој дел се обратија Фани Каранфилова Пановска, заменик-претседателка на СДСМ, Кенет Г. Форслунд, пратеник и втор претседавач во шведскиот парламент, како и кандидати за градоначалници од СДСМ.

Регионалната конференција испрати јасна порака: прогресивните сили во регионот треба да стојат едни покрај други, да учат едни од други и заеднички да работат на политики кои носат подобар живот за секој граѓанин.

Иднината на регионот се гради локално – во секоја општина, во секоја заедница и преку секоја политика што го подобрува животот на луѓето.

*Настанот беше организиран од Прогрес Институтот, со поддршка на CEE Gender Network и Olof Palme International Center.