Од 15 до 17 мај 2026 година, во Хотел „Континентал“ во Скопје, се одржа вториот модул од Политичката академија за социјална демократија, во организација на Прогрес – Институт за социјална демократија, Фондацијата Калеви Сорса од Финска и Фондацијата Фридрих Еберт со канцеларија во Скопје
Модулот започна со јавната дискусија „Домувањето како право, не како привилегија – Станбена сигурност за младите: Што може да направат институциите, банките и општеството?“, преку која учесниците имаа можност да разговараат за едно од најважните прашања за младите денес – пристапот до сигурно, достоинствено и достапно домување. На јавната дискусија говорници беа Евгенија Јанакиеска од Прогрес Институтот, Вања Јефтимова, архитектка, и Марко Ѓоргиевски, директор на Шпаркасе ВајбОн банка за млади.
Во текот на тридневната програма, учесниците работеа на клучни теми поврзани со прогресивните политики и социјалдемократските вредности. Сесиите опфатија прашања од областа на еднаквоста и вклученоста, животната средина и климатската правда, социјалната и економската правда, Европа и меѓународната политика, младинската политика и граѓанското учество, како и демократијата, владеењето на правото и доброто управување.
Сесиите ги водеа експерти, активисти, универзитетски професори и поранешни носители на јавни функции: Санела Шкријељ, Билјана Дуковска, Драган Тевдовски, Дане Талески, Александра Филипова и Ненад Марковиќ. Нивните предавања и дискусии овозможија учесниците да ги поврзат теоретските знаења со конкретни општествени предизвици и можни политички решенија.
Вториот модул беше простор за учење, критичко размислување и отворена дебата за тоа како прогресивната политика може да одговори на реалните потреби на граѓаните – од домувањето и економската сигурност, до демократското управување, еднаквоста и европската иднина.
Преку Политичката академија, Прогрес Институтот продолжува да инвестира во развојот на нова генерација прогресивни лидери, посветени на солидарност, еднаквост, демократија и социјална правда.
Контакт