За проектот

Опис на проектот

Добредојдовте на страницата за проектот "Корелација помеѓу младинските приоритети и официјалните политики"

Прогрес Институт за социјална демократија во соработка со Институтот за социлошки анализи го спроведува проектот “Корелација помеѓу младинските приоритети и официјалните политики”.

Општата цел на проектот е да се идентификуваат младинските политики и нивната ефикасност и соодветност, како и да се дојде до сознанија дали овие политики имаат влијание врз иселувањето на младите.  Непостоење на корелација или меѓузависноист на официјалните младински политики со потребите на младите е аларм за интервенција  во општеството со која би се решавале дел од проблемите на младите. Со реализирање на ова истражување се очекува да се добие јасна слика за суштинските (реалните) потреби на младите во Република Македонија и да се утврди дали реалните потреби на младите корелираат со официјалните младински политики, како и да се подигне свеста кај младите за овие прашања преку поттикнување на дебата.

Краткорочни цели на проектот се: Создавањеинструменти со кои би се споредувале и мереле ефектите од младинските политики и идентификување на нивните официјални приоритети и можности за решавање на проблемите на централно и на локално ниво; Детектирање на ефикасноста на системите (политички, економски, социјални) во општеството и нивната поврзаност во адресирање на младинските политики; Овозможување на јавна дебата и  јавни настани на кои би се говорело за добиените сознанија од проектот, за мерките кои треба да се преземат за решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат младите и мобилизирање на јавното мислење дека младинските политики мора да се во согласност со предизвиците на младите; Да се употребат сите општествени ресурси и општествена моќ  за да се влијае врз процесот на креирање на младинските политики кои со својата контингентност ќе создаваат поквалитетни решенија во општествениот контекст. 

Преку користење на методот на анализа на содржина се очекува  да се добие првична слика за младинските политики во Република Македонија, нивниот фокус на интерес и средствата кои се издвојуваат за нивна реализација.

 Интервјуата, анкетата и фокус групите треба да дадат слика за јавното мислење на младите за младинските политики, како и да се оцени степенот на нивно познавање на истите. Врз основа на податоците од спроведеното истражување (квалитативно и квантитативно) се очекува да се добијат и сознанија поврзани со причините поради кои младите ја напуштаат државата.

 Организирањето на јавните дебати и јавни настани и поставувањето на блог се очекува да се мотивираат младите повеќе да дискутираат за проблемите со кои се соочуваат и на тој начин да ги актуелизираат своите приоритети.  

Сето горенаведено ќе се искористи за да се понуди корисен инструмент за централната и локалните власти во креирањето на идните младински политики и негова дисеминација до пошироката јавност.

Времетраење на проектот: 18 месеци

Нашиот тим

Калинка Габер

Калинка Габер е програмски директор на Прогрес Институтот за социјална демократија. Нејзините главни активности и надлежности се однесуваат на менаџирање на проекти, анализи на политики, изградба на капацитети, а има и долгогодишно искуство во конципирање и спроведување на истражувачки проекти, при што најчесто користи квалитативни истражувачки методи. Калинка Габер ќе учествува во квалитативниот дел на истражувањето (попис и анализа на содржина и интервјуа) како и во активностите кои се однесуваат на јавна презентација на добиените сознанија и резултати (јавни трибини, блог, тркалезна маса).

Контакт: kalinka.gaber@progres.org.mk

Емилија Симоска

Д-р Емилија Симоска од 1980 г. е вработена во Центарот за етнички и безбедносни прашања во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања . Таа е во моментов научен советник и редовен професор на постдипломските и докторските студии. Таа има работено на голем број домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти во областа на политичката култура и јавното мислење. Д-р Симоска била Министер за образование (1994-96), а како експерт била вклучена во изработката на неколку национални стратегии за образованието во Македонија. За потребите на овој проект, Емилија Симоска ќе учествува во пописот и анализата на содржина, дизајнирањето на анкетните прашалници, организацијата на теренското истражување, анализата на резултати и спроведувањето на фокус групите.

Контакт: simoskae@gmail.com

Петар Атанасов

Петар Атанасов предава Методологија на научни истражувања на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Пишува главно за социо-економскиот развој, образованието, културната и социјална исклученост, човековиот развој, мултикултурализмот, идентитет, етнички конфликти, безбедност и постконфликтна рехабилитација. Учествува во повеќе научно истражувачки проекти на полето на политичката култура, демократизацијата, инклузивноста на општеството, дискриминацијата и предрасудите, граѓанско општество, сегрегацијата и образованието, децентрализација и меѓуетнички односи. За потребите на овој проект, Петар Атанасов ќе учествува во дизајнирањето на анкетните прашалници, организацијата на теренското истражување, анализата на резултати и во пишувањето на policy paper-от.

Контакт: atanasovmk@yahoo.com

Тоше Зафиров

Тоше Зафиров е проектен координатор во Прогрес Институт за социјална демократија. Од 2008 година до денес работи на спроведување на проектот „Интеграција и учество на младите претставници на етничките заедници во организациите на граѓанското општество“ кој дава поддршка на изградбата на мултикултурната демократија преку зајакнување на капацитетите на младите grass-roots граѓански организации а главна таргет група на проектот се млади политички активисти и активисти во младински граѓански организации.За потребите на овој проект, Тоше Зафиров ќе биде вклучен во квалитативниот дел на истражувањето (попис и анализа на содржина и интервјуа), активностите кои се однесуваат на јавна презентација на добиените сознанија и резултати (јавни трибини, тркалезна маса), како и координација и полнење на активностите и содржината на блогот.

Контакт: toshe.zafirov@progres.org.mk

Наши партнери

Проектот е овозможен во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Информациите објавени на оваа веб-страница не се официјални информации на Владата на САД и не ги претставуваат погледите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој или на Владата на САД.

Style Switcher

12 Predefined Color Skins Top Bar Color Layout Style Patterns for Boxed Version